Арсими изненадувачки го совлада Вардар во Гостивар
Арсими извојува значајна победа против Вардар на домашен терен со минимални 1-0. Овој резултат ја заостри трката за титулата, бидејќи и Шкендија успеа да триумфира над Македонија ЃП на гостински терен. Сега, двата најголеми ривали влегуваат во последните девет кола со израмнет број на бодови, што ветува возбудлив финиш на првенството.
Во текот на првото полувреме, Вардар имаше неколку шанси преку Спахиу, Велковски и Матиќ, но не успеа да го промени резултатот. На другата страна, Гафури се закани, но без успех. Промената дојде во 44. минута кога Арсими поведе. Дардишта го пронајде Мустафа, кој ја упати топката во петерецот, каде Гони успеа да го совлада Талески и да донесе предност за домашните.
Второто полувреме беше во знакот на Вардар, кој ја имаше иницијативата и поседот на топката, но недостигаше концентрација во завршницата на акциите. Велковски имаше две добри шанси, а најзрелата прилика дојде во 77. минута кога Закариќ беше осамен на десната страна, но неговиот удар беше одбранет од Силјановски и заврши во корнер.
Во судиското надополнување, Торес и Талевски имаа шанси за Вардар, но резултатот остана непроменет. Арсими славеше голема победа, која им дава надеж во борбата за опстанок во лигата.