Регионот од утре може да се соочи со значајни нарушувања во товарниот сообраќај, откако превозниците од Босна и Херцеговина најавија масовни протести поради ограничувањата на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, информира „Радио Сарајево“.

Блокадите се планирани да започнат во 7 часот наутро и ќе ги опфатат клучните гранични премини за товарни возила, вклучувајќи ги и оние кон Србија.

Превозничките здруженија предупредуваат дека оваа акција е реакција на, како што велат, неправеден третман на возачите од Западен Балкан, на кои им се отежнува нормалното извршување на професионалните обврски.

Во заедничкото соопштение, Конзорциум Логистика БиХ истакнува дека протестот не е изненаден потег, туку резултат на повеќе од една година неуспешни обиди за решавање на проблемите на институционално ниво. Од таму велат дека 14 месеци учествувале на состаноци, предлагале мерки и чекале државните институции да покажат дека системот може да функционира, но дека во меѓувреме не бил решен ниеден од клучните проблеми на секторот.

Иако, како што тврдат, постоеле ветувања од министри и од различни нивоа на власт во БиХ, тие останале само на хартија: биле донесувани заклучоци и постигнувани договори, но без конкретна примена во пракса.