Цените на енергентите во подем по нападите на Иран

Цените на нафтата и гасот забележаа значителен пораст откако Иран изврши напади врз клучната енергетска инфраструктура на Блискиот Исток. Нафтата „Брент“ денеска достигна повеќе од 114 долари за барел, додека европските цени на гасот се зголемија за 30 отсто, достигнувајќи тригодишен максимум.

Во 9:30 часот, цената на суровата нафта се искачи на 97,189 долари за барел, а „Брент“ се зголеми за 6,45 отсто на 114,187 долари. Европските фјучерси на гас за април на амстердамската берза ТТФ се продаваа за 69,5 евра за мегават-час, а во еден момент ја надминаа и цената од 70,8 евра.

Иран изврши ракетни напади врз катарскиот индустриски град Рас Лафан, каде се наоѓа најголемата фабрика за извоз на течен природен гас (ЛНГ). Катар пренесе дека нападите нанеле голема штета, според извештајот на Си-ен-би-си.

Акцијата на Иран следеше по предупредувањето од Техеран за напади врз енергетските постројки во Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, откако Израел бомбардираше постројка за преработка на природен гас во Иран. Абу Даби исто така ја прекина работата на своите гасни постројки „Хабшан“ поради паѓање остатоци од пресретнатите ракети, а ЛНГ-инфраструктурата во Бахреин наводно е погодена со тешки ракетни напади.

Пад на европските индекси

Европските берзански индекси забележаа пад, додека инвеститорите ги очекуваат одлуките на Банката на Англија и Европската централна банка за каматните стапки. Прогнозите укажуваат дека двете банки најверојатно ќе ги задржат каматите на исто ниво поради големата неизвесност за глобалната економија предизвикана од војната на Блискиот Исток.

  • Индексот на франкфуртската берза DAX падна за 2,06 отсто, на 23.020,50 поени.
  • Францускиот CAC 40 се намали за 1,55 отсто, на 7.841,47 поени.
  • Британскиот FTSE 100 падна за 1,55 отсто, на 10.145,75 поени.
  • Московскиот MOEX порасна за 0,53 отсто, на 2.886,56 поени.

Пазар на суровини и валути

Цената на златото падна на 4.729,34 долари за унца, додека цената на пченицата се зголеми на 6,0581 долари за бушел. Вредноста на еврото во однос на доларот на валутната берза Форекс изнесува 1,14545 долар, што претставува зголемување од 0,02 отсто.

Според податоците од американските берзи, вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones на затворањето на тргувањето во средата падна за 1,63 отсто, на 46.225,15 поени. S&P 500 се намали за 1,36 отсто, на 6.624,70 поени, а индексот Nasdaq падна за 1,46 отсто, на 22.152,42 поени.