Во објект што е сопственост на директорот на затворот во Рогожина, Билал Хаса, албанската полиција открила четири илјади стебла марихуана.

Хаса е во бегство и по него е распишана потерница. Генералниот директорат на албанските затвори информира дека тој е суспендиран од должност се додека случајот не биде расчистен од страна на надлежните органи.

Денеска е финализирана полициската операција со кодно име „Куртај“, која имаше за цел сузбивање на одгледувањето наркотични растенија во затворени простории со употреба на ламби. Во простории адаптирани за одгледување наркотични растенија, сопственост на Билал Хаса, запленети се околу 4.000 стебла марихуана, ламби, неонски светла и друга електрична опрема, соопшти полицијата.

Покрај Хаса, за кривично дело „Злоупотреба на службена положба“ е обвинет и Е. М., кој е одговорен во Електродистрибуција за подрачјето на Пеќин. И по него се трага.

Полицијата наведува дека акцијата, во која се откриени најголем број стебла марихуана годинава на едно место, продолжува под раководство на Обвинителството на Елбасан. Интензивно се работи на идентификување и изведување пред правдата на други лица вклучени во оваа криминална активност.