Интегрално обраќање на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Почитувана јавност,

Во духот на транспарентноста и отчетноста, сакам да го презентирам отчетот за првите 100 дена од мојот мандат како градоначалник на Општина Битола. За разлика од другите, ние сме прецизни и точни, и на 101 ден сакам да ги истакнам активностите што ги реализиравме во овој период.

Нема поубаво нешто од тоа да го започнете новиот мандат со посветеност и грижа за најмалите. Отворивме нова градинка „Пчеличка“ во состав на установата „Мајски цвет“. Со адаптација на дел од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“, новата градинка ќе згрижува и воспитува деца од предучилишна возраст до 6 години и има капацитет за 76 деца.

По добивањето на уверението за избран градоначалник, без посебни свечености, ја продолжив својата работа. Поводот беше убавиот Ден на ослободувањето на Битола, 4 ноември, со многу гости, настани и сеќавања.

Во изминатиот мандат поставивме цврсти темели за модерна, урбана, чиста и динамична Битола, со акцент на инфраструктура, енергетска ефикасност, нови образовни стандарди, култура, спорт и заштита на животната средина. И така продолживме.

За да може нешто да биде функционално, се одржа конститутивната седница на Советот на Општина Битола, кој е прв во Македонија со електронско гласање.

Не сакам да одам хронолошки по ред, туку да се фокусирам на важните аспекти за да ја оправдаме довербата добиена на изборите.

Во годината пред нас, освен уличната, во фокусот ќе ни биде и спортската инфраструктура, на која работиме од првиот ден на новата локална самоуправа.

Во месноста Областа, на улица „Нико Фундали“, изведени се три нови игралишта на вкупна површина од 629,27 м². За да не стигнуваат дома по кал, жителите од трите краци на улицата „16-та“ во Битола по 40 години сега со чисти чевли стигнуваат до своите домови, по асфалтирањето на првиот дел од улицата.

Со поплочување на тротоарите продолжува изградбата на новата улица СРУ 5 во некогашната касарна, важна сообраќајница која ги спојува улиците „Партизанска“ и „Крушевска република“, која наскоро ќе биде асфалтирана.

Инфраструктурата и патната, но и спортската, се важни теми на кои ќе се задржам малку повеќе.

На 4-та седница на Советот на Општина Битола го претставив буџетот за 2026 година и проектите кои ќе бидат опфатени со него. Тригодишната развојна програма со измените изнесува 1.845.013.734,00 денари.

Течат подготвителните работи за 53 реконструкции на коловози (улици и локални патишта) во градот и во населените места на општина Битола, како и изградба на 6 паркинг простори. Нови паркинзи ќе бидат изградени кај „Овчи Пазар“, „Ат пазар“, комплексот болници, на улицата „Браќа Џаферови“, позади зградата позната како „Кифлата“, и на просторот кај местото викано „кај Хеликоптерот“, кои ќе го намалат недостигот на паркинг места.

Во делот на спортот и рекреацијата, текат подготовките на проектна документација за мултифункционалниот спортски комплекс, изградба на атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“, како и изработка на физибилити студија за изградба на гондола и центар за спорт и рекреативни активности.

Со оваа развојна програма продолжува и изградбата на детска градинка во АРМ, како и доизградбата на противпожарната зграда, капитални проекти кои бараат подолг рок за реализација, но на кои сме целосно посветени за што побрзо завршување.

Течат подготовките за изградба и реконструкција на системи за одведување и прочистување на отпадни води на 25 локации, како и за изградба и реконструкција на систем за водоснабдување исто така на 25 локации.

Во капиталните расходи за основното образование, продолжуваме со нашата визија за подобри услови за учениците, поради што претстои комплетирање на проектите: Реконструкција на објектот на спортската сала во Бистрица и изградба на три типски училишни спортски сали во ОУ „Стив Наумов“, подрачното училиште „Даме Груев“ во Долно Оризари и во ОУ „Тодор Ангелевски“.

Подготовките се во тек за изградба на спортски терени и игралишта во подрачното основно училиште „Коле Канински“ во Буковски ливади, изградба на спортско игралиште во поранешно Стрелиште, спортско игралиште во ОУ „Гоце Делчев“, исто така и во турското училиште, потоа во ОУ „Даме Груев“, „Ѓорги Сугарев“, реконструкција на спортските игралишта во ОУ „Климент Охридски“, изградба на спортско игралиште во подрачното училиште „Тодор Ангелевски“-Раштани, во училиштето во населбата Ушици и во ОУ „Трифун Пановски“.

За да можеме да планираме, она што го ветивме го реализираме, работиме на новиот Генерален урбанистички план, а се одржа и јавна презентација на Деталниот урбанистички план за новиот реонски центар во Нова Битола.

По повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Лајонс клубот Кабадаја организираше настан под мотото „Сонцето свети за сите или обоиме во пријател“. Го промовиравме и дневниот центар за стари лица со активно стареење во просториите на Црвениот крст - Битола.

На 5-ти декември го одбележавме меѓународниот ден на волонтерите со доделување награди за најдобрите волонтери. Бев и во посета на ООУ „Елпида Караманди“, каде изминатиот период беа извршени повеќе реконструктивни зафати за подобрување на условите за одвивање на наставно-образовниот процес.

Битола и нејзината дипломатија. Во прва официјална посета на Битола дојде и британскиот амбасадор во Македонија, а претходно беа и амбасадорите на Кина, Германија, Франција, Израел и Австрија. Со пригодна свеченост во Битола беше отворен почесниот конзулат на Австрија.

Како што започна одбројувањето за дочекот на новата година, Битола блесна во нова новогодишна светлина. Со „Нокаут“ и без огномет ја дочекавме Новата година, првото бебе во новата година беше женско, а имавме и зимска забава на Пелистер. И годинава во Битола беше организирана Бадникова поворка, прославувајќи ги божиќните празници.

Во делот на транспарентноста, „Транспаренси Интернешнл Македонија“ не прогласи за најтранспарентна општина. Ја промовиравме апликацијата „Битола-зимска служба“, а одржавме и трибина за Програмата за култура во 2026 година.

На работна средба со инволвираните во изградбата на планинарскиот дом „Копанки“ беше заклучено дека следната сезона домот „Копанки“ ќе ги отвори вратите за посетителите.

Најсреќниот кој го фати светиот крст на Водици во соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, Христијан Бошевски, беше награден со парична награда и икона од Заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“.

Со почетокот на градежната сезона за секој проект, а ги има многу, од владата се одобрени и финансирани 64, дополнително и за нашите општински проекти, редовно ќе информираме.

Ние не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Понекогаш има и критики, но тоа не не обесхрабрува, туку напротив, дополнително не мотивира во нашата мисија да бидеме сервис на граѓаните.

Ви благодарам.