Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, за првпат се обрати на јавноста по смртта на својот татко, кој беше убиен во американско-израелски напад кон крајот на февруари.

Во своето обраќање, Хамнеи се осврна на атентатот врз Али Лариџани, изразувајќи дека Техеран нема намера да отстапи од својата политика и дека не планира да прифати никакви иницијативи за деескалација.

Главната порака од неговото обраќање беше дека нема да има преговори, ниту прекин на огнот, сè додека, како што изјави, „САД и Израел не бидат поразени“. Со ова, надежите за брзо смирување на тензиите во Блискиот Исток практично исчезнуваат.

Хамнеи нагласи дека Иран ќе продолжи со цврстата стратегија, и покрај загубите во врвот на власта, додавајќи дека затворањето на Ормутскиот теснец ќе остане средство за притисок врз противниците. Овој потег веќе има сериозни последици врз глобалните пазари, со значителен пораст на цените на нафтата.

Говорот беше посветен и на ликот на Лариџани, кој Хамнеи го прогласи за „маченик“ и истакна дека неговата смрт нема да остане без одговор. Тој го опиша како клучна фигура во безбедносниот апарат на Иран и долгогодишен стратег на режимот.

Исто така, новиот лидер испрати и директна порака до земјите во регионот кои имаат американски воени бази, барајќи нивно затворање и предупредувајќи дека ќе мора да изберат страна во конфликтот.