Градот Скопје во соработка со Психолошкиот центар Психограм организира интерактивна работилница на тема „Играј со глава: ментален тренинг за млади спортисти“. Овој настан се одржува во Младинскиот Хаб на Град Скопје, во Домот на култура „Кочо Рацин“, од 12:00 до 14:00 часот.

Во услови кога младите спортисти се соочуваат со зголемен притисок, очекувања и висока конкуренција, менталната подготовка станува подеднакво важна како и физичката. Настанот има за цел да ја отвори токму оваа тема – како да се гради самодоверба, како да се одржи фокусот во клучни моменти и како да се надминат стресот и неуспехот.

„Работилницата ќе понуди динамичен и интерактивен пристап, преку кој младите учесници ќе имаат можност да слушнат реални искуства, да поставуваат прашања и да учат конкретни техники кои можат веднаш да ги применат – пред натпревар, за време на игра или по направена грешка,“ истакнуваат од Психолошкиот центар Психограм.

Со оваа иницијатива се испраќа порака дека вложувањето во младите значи вложување во нивната целосна подготовка – физичка, но и ментална, што е клучно за здрав развој, спортски успех и животни вештини.

Настанот е дел од пошироките напори за поддршка на младите спортисти и создавање средина во која тие ќе се чувствуваат сигурно, поддржано и мотивирано да го достигнат својот потенцијал.