Брисел – Италија и Данска ја повикаа Европската Унија да се подготви за можен пораст на мигрантските текови поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, пренесува ДПА.

Во заедничкото писмо, премиерките Џорџа Мелони и Мете Фредериксен предупредуваат дека ЕУ не смее да дозволи повторување на кризата од 2015–2016 година.

Писмото е упатено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во пресрет на дводневниот самит на ЕУ.

Двете лидерки предлагаат Европската комисија да разгледа механизми кои би функционирале како „итна сопирачка“ во случај на масовен прилив на мигранти.

Во интервју за данската телевизија, Фредериксен како можен пример наведе правило со кое барателите на азил би можеле да бидат враќани на границите.

Иако меѓународни организации и Европската комисија засега не гледаат индикации за големи мигрантски бранови кон Европа, тековниот конфликт веќе принуди милиони луѓе да ги напуштат своите домови, а хуманитарната состојба се влошува.

Мелони и Фредериксен нагласуваат дека е потребно да се зголеми помошта „на терен“, со цел да се спречи масовна миграција.

„Можеме поефикасно да им помогнеме на луѓето ако поддршката се обезбедува директно во нивните региони“, наведуваат тие.

Мелони е позната по својата цврста политика за миграцијата, додека Фредериксен се наоѓа во предизборна кампања пред парламентарните избори следната недела.