Министерката за образование, Весна Јаневска, повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста по нејзината изјава дадена за време на денешната посета на Тетово.

На прашањето од новинарите дали донела преведувач со себе, Јаневска одговори дека тоа не ѝ е потребно.

"Не ми треба. Не знам кому му треба преведувач за во Македонија да знае македонски јазик," изјави министерката.

Јаневска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Тетово, Билал Касами, присуствуваше на свеченото отворање на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во Тетово.

Ова не е првпат Јаневска да добие вакво прашање. И во претходна слична ситуација, таа истакна дека во Македонија има еден службен јазик и дека не гледа потреба од преведувач.

Изјавата повторно предизвика прашања и реакции во јавноста околу употребата на јазиците и комуникацијата на институциите.