Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против 43-годишно лице од Охрид и правен субјект со седиште во истиот град, поради постоење основани сомневања за сторено кривично дело „повреда на правата од работен однос“.
Пријавениот, во својство на сопственик и управител на правниот субјект, свесно не ги почитувал законските одредби за засновање на работен однос, при што не го пријавил и не извршил работничко осигурување на починатиот работник Кристијан Љ. од Охрид, со што му ги одзел правата што му припаѓале.
Дополнително, пријавениот му дозволил на починатиот работник да работи на работно место кое е изложено на сериозни и специфични опасности, без да му даде соодветни упатства за работа. Работникот извршувал задачи како помошник монтер, без претходно да помине основна обука за безбедност и здравје при работа, ниту пак да биде подложен на соодветен здравствен преглед во здравствена ординација за медицина на трудот.