Утрово, во Европа започна летното сметање на времето, при што стрелките на часовниците беа поместени за еден час напред. Ова значи дека денот ќе биде продолжен за 60 минути, а ноќта скратена, што е вообичаена практика секоја последна недела од март.

Летното сметање на времето се применува во повеќето европски земји, освен во Русија, Турција, Белорусија и Исланд. Оваа промена е регулирана според Законот за сметање на времето и европските директиви. Европскиот парламент во 2019 година изгласа укинување на сезонското поместување на времето од 2021 година, но конечна одлука од Советот на ЕУ сè уште не е донесена.

Покрај Европа, сезонското менување на времето се применува и во Северна и Централна Америка, како и во други делови од светот. Сепак, некои земји како Јапонија, Кина, Јужна Кореја и повеќето африкански држави не го применуваат ова правило.

Сезонското поместување на времето има за цел да го искористи максимално дневното светло, но исто така предизвикува и дебати за неговата ефективност и влијание врз здравјето и економијата. Додека не се донесе конечна одлука од страна на ЕУ, оваа практика ќе продолжи да се применува во повеќето европски земји.