Македонија продолжува да биде класифицирана како „делумно слободна“ земја според последниот извештај на Фридом хаус за 2025 година, кој ги анализира граѓанските слободи и политичките права. Индексот на слобода за Македонија останува на 67 од максималните 100, што укажува на тоа дека не се забележува значителен напредок, но ниту пад во однос на претходната година.

Според извештајот, Северна Македонија продолжува да се соочува со предизвици во борбата против корупцијата, додека медиумите и граѓанското општество активно учествуваат во јавниот дискурс. Меѓутоа, новинарите и активистите често се изложени на притисоци и закани.

Во регионот на Западен Балкан, земјите продолжуваат да се наоѓаат во состојба на изборна демократија, но со слаби институции. Корупцијата, притисоците врз медиумите и кревкото владеење на правото остануваат заеднички проблеми за речиси сите земји во регионот. Други „делумно слободни“ земји во регионот вклучуваат Црна Гора (69), Албанија (68), Косово (60) и Босна и Херцеговина (52).

Најзначајниот пад во слободите е забележан во Србија, која заедно со Бугарија и Соединетите Американски Држави, има петтиот најголем пад во регионот. На глобално ниво, најголем пад во 2025 година е регистриран во Гвинеја-Бисао, Танзанија, Буркина Фасо, Ел Салвадор, Мадагаскар и Грузија. Фридом хаус истакнува дека последните две децении на демократски пад влијаеле на широк спектар на права и слободи, при што слободата на медиумите, слободата на изразување и фер судските постапки претрпеле најголеми последици.