Посетата на Христијан Мицкоски на Будимпешта и средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан предизвикаа голем број реакции на социјалните мрежи. Над 400 граѓани коментираа на прашањето поставено од ЦИВИЛ на Фејсбук, главно со негативен тон и недоверба.

Најчеста перцепција меѓу граѓаните е дека посетата ќе резултира со ново задолжување на Македонија. Многумина изразија загриженост дека ќе следат нови кредити кои ќе ги плаќаат идните генерации:

„Само кредити и тие деца што не се родени ќе треба да го плаќаат тој кредит.“

Името на поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија во 2018 година, често се споменуваше во коментарите:

„Освен Грујо, ништо друго нема да му дадат.“

Некои корисници шпекулираа за можни политички договори, особено во контекст на изборите во Унгарија на 12 април:

„А после 12-ти април, можеби ќе треба на Орбан да му го возвратат гостопримството со давање азил.“

Граѓаните ја поврзуваат посетата и со економските состојби во земјата, изразувајќи загриженост за зголемување на цените и намалување на животниот стандард:

„Од први април поскап леб, јајца, масло, шеќер…“

Овие ставови ја рефлектираат перцепцијата дека приближувањето кон политиките на Унгарија може да влијае врз евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Виктор Орбан е често критикуван за политики поврзани со владеење на правото и медиумските слободи, што дополнително ја засилува чувствителноста на јавноста околу секоја политичка релација меѓу Скопје и Будимпешта.

ЦИВИЛ им благодари на сите што коментираа на прашањето на денот и ги повикува да продолжат со предлози за теми и активности.