Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис истакна дека Европа не смее да дозволи повторување на бегалската криза од 2015 година, предупредувајќи дека конфликтите на Блискиот Исток можат да имаат сериозни последици по безбедноста, енергетиката и миграцијата. Во своето обраќање, тој нагласи дека сегашната геополитичка криза ја потврдува потребата за ефикасно активирање на клаузулата за заемна помош од Европската Унија, односно членот 42.7, кој предвидува поддршка помеѓу земјите членки во случаи на напад.

„Грција беше една од првите земји што го поддржа Кипар по нападот, а подоцна ќе се приклучат и други европски земји“, рече Мицотакис. Според него, самитот ќе се фокусира на тоа како неформалната примена на оваа клаузула може да се трансформира во институционално солиден механизам.

Мицотакис исто така предупреди на економските и енергетските последици од конфликтот, посочувајќи дека нападите врз нафтената инфраструктура во Заливот можат да предизвикаат значително зголемување на цените на енергијата, што би имало сериозни последици за глобалната економија. „Европа мора да биде подготвена да ги заштити потрошувачите, особено најранливите, како и европските компании“, додаде тој.

„Грција, во рамките на своите фискални можности, ќе преземе мерки за поддршка на граѓаните и економијата, но ќе бидат неопходни заеднички европски одговори доколку кризата доведе до долгорочен пораст на цените на бензинот и горивата“, нагласи грчкиот премиер.

Тој истакна дека актуелната ситуација не смее да доведе до нова бегалска криза, потврдувајќи дека Европа мора јасно да покаже дека ќе ги заштити своите надворешни граници и дека ќе избегне грешките од минатото. На крајот, Мицотакис апелираше за единство во Европа и потребата од поставување на црвени линии, додека истовремено се одржува соработка со САД.