Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, изрази загриженост во врска со предлозите на одредени невладини организации и граѓански здруженија за формирање на нова комисија со сопствена администрација. Според него, овој пристап е во директна спротивност со реформската политика на Владата и Министерството за јавна администрација.

Минчев истакна дека создавањето на ново тело би довело до дополнителни трошоци за буџетот и нова администрација, што не се совпаѓа со заложбите за рационализација и ефикасност во јавниот сектор.

"Ако ние кратиме членови во управни одбори во овој закон, и ако оваа Влада и Министерството за јавна администрација се залагаат за реформи и намалување на ваквите тела, тогаш е нелогично да формираме ново габаритно тело, нова комисија која ќе создава дополнителни трошоци во буџетот," изјави Минчев.

Тој додаде дека во следниот закон, Законот за организација и работа на органите на државната управа, е предвидено намалување на 40% на буџетските корисници од органите на државната управа. Според него, доколку постојат институции со преклопувања во надлежностите, логично е тие да се рационализираат, а не да се формираат нови тела.

Минчев истакна дека критериумите за избор на раководни позиции остануваат високи и строго дефинирани. Изборот во одредена институција ќе го врши комисија составена од професионални административни службеници од таа институција.