Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека Министерството за одбрана активно работи на решение за поддршка на војниците кои, по навршување на 45 години, треба да ја напуштат службата. Оваа иницијатива беше објавена во емисијата „Click Plus“ на ТВ21.
Како што објасни Мисајловски, започната е постапка за разгледување на можностите некои од овие војници да продолжат да работат, наместо веднаш да ја напуштат Армијата.
„Инициравме постапка како да им помогнеме на сите војници што завршуваат 45 години и треба да заминат од Министерството по договор. Станува збор за релативно млада возраст и многумина потоа бараат нова работа“, изјави Мисајловски.
Мисајловски истакна дека актуелниот закон нуди одредени опции, вклучувајќи исплата на отпремнина за војниците кои ја напуштаат службата. Износот на отпремнината може да достигне неколку милиони денари, во зависност од стажот на војникот.
„На пример, војник кој заминува со подолг стаж може да добие и околу два милиони денари отпремнина. Претходно имало случаи кога овие средства не се исплаќале, но сега тоа се реализира“, рече министерот.
Дополнително, се разгледува можноста дел од војниците да продолжат со работа во други државни институции, доколку има потреба од нивниот кадар.
„Постои можност тие да бидат преземени од други институции преку Владата, бидејќи станува збор за обучен и квалитетен кадар“, нагласи тој.
Се разгледува и решение со кое дел од војниците би можеле да останат и во рамки на Армијата на Северна Македонија до моментот кога ќе ги исполнат условите за редовно пензионирање.
Министерот посочи дека иницијативата се подготвува во соработка со раководството на Армијата и со синдикатите, со цел да се најде решение што ќе биде прифатливо за сите страни.