Младинскиот гудачки квартет „Карпош“ денеска ќе одржи три концерти на Платото пред Млечен ресторан во Скопје, во чест на роденденот на Јохан Себастијан Бах.
Концертите ќе се одржат во 10.00, 11.30 и 13.00 часот, а на нив ќе бидат изведени композиции од познатиот албум за Ана Магдалена Бах, специјално аранжирани за гудачки квартет.
Овие концерти се дел од светската иницијатива „Bach in the Subways“, преку која Општина Карпош се приклучува на глобалното одбележување на музиката на Бах, овозможувајќи ја класичната музика да допре до пошироката публика, надвор од традиционалните концертни сали. Иницијативата започна пред десетина години и има значајна улога во приближувањето на класичната музика до луѓето.
Квартетот „Карпош“ е составен од четири млади музичарки: Јана Бужаровска и Грациела Трајковска на виолина, Марија Павловска на виола и Сара Илиевска на виолончело, кои работат под менторство на виолинистката Пламенка Трајковска.
Овие концерти се реализираат со поддршка на Општина Карпош, која активно учествува во промоцијата на културни настани и иницијативи кои ја збогатуваат културната сцена во Скопје.