Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности во областа на спортот. Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите заинтересирани да аплицираат за поддршка на спортските активности и за афирмација на младите спортисти, соопштија од локалната самоуправа.
Спортот е основа за здрав живот на сите генерации, но најмногу за правилен развој на нашата младина. Фокусот го ставаме токму на тоа – на поддршка и градење на тимскиот дух кај младите и нивното физичко и ментално здравје, истакна градоначалникот во својата изјава.
Локалната самоуправа појасни дека проектите што ќе конкурираат треба да исполнуваат најмалку три услови: да имаат стручни кадри, добро формулирани цели и очекувани ефекти, план за вклученост на заедницата, како и активности за стимулирање и афирмација на младите потенцијални спортисти-поединци во општината.
Право на учество имаат спортисти-поединци, спортски клубови, здруженија и институции со седиште во општина Центар, кои ги исполнуваат законските и административните критериуми. Рокот за поднесување на пријавите е десет дена од објавувањето на повикот. Пријавите може да се достават преку пошта или лично во Архивата на Општина Центар, нагласуваат од локалната самоуправа.
За повеќе детали, заинтересираните можат да се обратат на веб-страницата на Општина Центар.



