Двајца полицајци од Полициската станица Карпош беа нападнати од алкохолизирани лица пред дискотеката „Пјур“ во Скопје, при што се здобија со тешки телесни повреди. Напаѓачите беа ослободени по интервенција на висок владин функционер.

Независниот синдикат на полицијата изрази загриженост поради одлуката на Обвинителството да ги ослободи напаѓачите, иако првично било планирано да бидат изведени пред суд по итна постапка. Синдикатот тврди дека оваа одлука била променета по интервенција на функционер од Владата, што довело до промена на обвинителот.

„Целосно сме запрепастени од одлуката на обвинителството лицата да бидат ослободени и да не бидат изведени пред суд по итна постапка, иако првично биле дадени насоки за тоа, за што нашите информации велат дека оваа одлука била променета од како интервенирал висок функционер од Владата, по што бил променет и обвинителот. Во настанот дополнително бил вклучен и одделот за внатрешна контрола која сега наместо вина кај лицата ќе истражува за работата на колегите.“ — Независен синдикат на полицијата

Министерството за внатрешни работи информираше дека на 28.03.2026 година, пред дискотека на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Е.А. (30) од село Горна Бела Црква, ресенско, и Х.Д.Е. (34) од Турција, поради нарушување на јавниот ред и мир и физички напад врз полицајци.

Синдикатот бара сериозен и темелен пристап од сите институции и најави дека ќе испрати писмена реакција до Основното јавно обвинителство и Министерот за внатрешни работи. Нанесувањето на тешка телесна повреда на полициски службеник е сериозно кривично дело кое не смее да биде толерирано и допуштено да се маргинализира.

Полицијата најави дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.