Во пресрет на 21 март, Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на здружението за рехабилитација и инклузија на лицата со Даунов синдром, „Дневен центар – Доза среќа” од Скопје.
Сиљановска-Давкова го поздрави холистичкиот пристап на здружението, кој има за цел континуирано унапредување на животот на децата, младите и возрасните со Даунов синдром. Според неа, е од суштинско значење институциите да обезбедат адекватни услови за развој на животните вештини и способности на овие лица, како и активно учество во сите аспекти на општествениот живот, во својство на рамноправни граѓани.
Таа истакна дека е неопходно да се подигне јавната свест за оваа тема и да се отворат повеќе дневни центри. „Нема полековита доза среќа од разбирањето, прифаќањето и љубовта кон овие лица,” нагласи Сиљановска-Давкова.
Претседателката на здружението, Сузана Стојановска, информираше дека нивниот центар е отворен не само за деца со Даунов синдром, туку и за деца со други попречености, како што се оштетен говор, слух и вид. Според неа, дискриминацијата кон овие лица останува значаен општествен проблем и предизвик. Недостатокот на стручен кадар, мал број на волонтери, недоволната грижа за просторот во кој е сместен центарот, како и ограничените можности за вработување на полнолетните лица со Даунов синдром, се сериозни прашања кои бараат итно решение од надлежните институции.
Детскиот музички настап на знаковен јазик, под водство на Соња Кимова, нивен знаковен предавач, му додаде посебна убавина на настанот. Уметноста и талентот не познаваат бариери, што стана јасно по музичката точка на хармоника, изведена од Денис Димитров, во придружба на младите гости од Дневниот центар „Доза среќа” од Скопје.