Блокадите на Собранието утре нема да ги спречат пратениците да ја продолжат својата работа, а полицијата презема мерки за одржување на редот и безбедноста. Спикерот Африм Гаши очекува дека пратениците ќе пристигнат пешки и нагласува дека работата ќе продолжи, со почитување на правото на протест.

На денешниот брифинг со медиумите, Гаши изјави: "Не верувам дека некој од пратениците ќе дојде со возило". Тој е убеден дека блокадите нема да влијаат на распоредот на работа на народните избраници. Влезовите во кругот на Собранието ќе бидат блокирани за возила, но не се очекува тоа да важи и за самите порти на зградата. Полицијата работи на проценки за најдобриот начин на реакција, а луѓето од кабинетот добиле уверување дека сите мерки се преземени.

"Им наложив на сите координатори да разговараат со пратениците и да најдат начин да дојдат на седница без да го попречуваат правото на протест на граѓаните. Дали ќе доаѓаат пешки или порано, не знам. Ние мораме да продолжиме да работиме. Министерството за внатрешни работи ги презема сите свои мерки и се надевам дека сè ќе биде мирно и ќе тече како што треба", изјави Гаши.

Запрашан за исплатата на патни трошоци за пратениците, Гаши објасни дека процедурата е утврдена со закон и деловник. "Ако нема фискална, нема ниту исплата на патни трошоци, но тоа не е обврска на претседателот да го утврди", додаде тој.

Во врска со барањата на синдикатите за повисока минимална плата, спикерот смета дека тоа е комплексно прашање на кое партиите треба да заземат свој став. На прашањето дали постојат преголеми разлики помеѓу функционерските и работничките плати, Гаши истакна дека е потребно да се направи анализа и потоа да се направи нивелирање на платите според важноста на функциите во државата.