Дводневната работилница, која заврши денес, се фокусираше на темата за чист воздух и одржливи градови, во рамките на проектот за моделирање на квалитетот на воздухот. Овој проект, под називом „Применето моделирање на квалитетот на воздухот и валидација на мерките за ублажување на штетните ефекти преку идентификација на изворите“, е реализиран од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На работилницата, експерти од различни меѓународни институции, вклучувајќи го Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC), Универзитетот Меквори од Сиднеј, Австралија, Универзитетот во Нови Сад, Србија, и Универзитетот за технологија во Киелце, Полска, споделија свои искуства и методи за собирање податоци во реално време, моделирање на загадувањето и лабораториска верификација.

Целта на работилницата беше да се промовираат современи научни методи и практични решенија за моделирање на воздухот во урбаните средини, со посебен акцент на локалните предизвици со кои се соочува градот Скопје. Проектот е дел од предложената мерка на Работниот комитет за енергетика, насочен кон подобрување на квалитетот на воздухот, и се спроведува како дел од имплементацијата на Националната развојна стратегија 2024–2044, во соработка со УНДП.

Работилницата комбинираше меѓународни и локални искуства преку семинари, практични вежби и дискусии. Ова им овозможи на студентите и учесниците од академската заедница да стекнат увид во применетите истражувања и да придонесат за долгорочна експертиза во моделирањето и анализата на квалитетот на воздухот, како и во креирањето релевантни мерки за намалување на загадувањето.