На скопската клиника за онкологија не се почитуваат протоколите, тврди вештак од Словенија. Давањето на погрешен лек не само што не ги оздравува пациентите со рак, туку може да биде и токсично. Ова го истакна д-р Маја Равник, лекарка од Марибор, која е потписник на вештачењето во случајот поврзан со клиниката.

Во своето сведочење пред судот, д-р Равник нагласи дека секоја промена на терапијата мора да биде писмено евидентирана, а мултидисциплинарниот пристап е златен стандард во лекувањето на ракот. Според нејзината анализа, на скопската онкологија, протоколите најчесто не се почитуваат.

„При анализа на 51 документација, само во еден случај имаше мултидисциплинарно конзилијарно мислење. Најчесто, пациентите добивале лек без да се почитува протоколот. Промените во лекувањето не биле соодветно евидентирани и многу често без објаснување зошто се менува терапијата“, изјави д-р Равник.

Таа исто така посочи дека давањето агресивна онколошка терапија на терминално болни пациенти само ја влошува нивната состојба и им го скратува животот.

Анализирајќи го досието на починатата Мирослава Николова, д-р Равник истакна дека таа примала терапија која не е наменета за лекување на рак на јајници, што довело до напредување на болеста. Одбраната, пак, тврди дека вештачењето е нецелосно и неточно.

Поранешниот директор на клиниката, Никола Васев, заедно со уште двајца лекари, се обвинети за несовесно лекување на пациенти.