Скандал во народните кујни
Државата плаќа 239 денари по оброк за најранливите категории граѓани, што претставува 1,5 милиони евра за 375.000 оброци годишно. Но, реалноста открива срамна и понижувачка слика: наместо топли оброци, корисниците на „народните кујни“ добиваат суви оброци, паштети, нарезок и сокчиња. Ова не одговара на договореното мени со „Парти сервис лео“, фирма која го добила тендерот, што отвора сериозни сомнежи за злоупотреба на државни средства и целосен распад на системот на социјална заштита.
Непочитување на договорот
Теренските проверки и наодите на Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека договореното мени не се почитува. Наместо разновидни оброци со месо, риба или вариво, се делат оброци кои не се предвидени, а во одредени случаи и суви пакети со леб, паштети и сок. Дополнително загрижува фактот што според истражувањето и сведочењето на корисниците, храната често е со слаб квалитет, не е топла и нема вкус, па затоа останува неизедена.
Понижувачка дистрибуција
Начинот на дистрибуција е уште попонижувачки. Храната се дели на улица од комбиња, наместо во соодветни простории, што претставува понижување за најранливата категорија граѓани.
Разлики во цените
Сериозни сомнежи отвора и големата разлика во цените на храната во различни градови. Во Скопје оброкот чини 239 денари, додека во Тетово истиот се обезбедува за 105 денари преку јавна институција. Останува прашањето каде завршуваат над 130 денари разлика по оброк и кој профитира од оваа несразмерност.
Проблеми со тендерот
Целиот процес е дополнително компромитиран со фактот дека тендерот бил поништуван двапати, а станува збор за прва ваква набавка спроведена од Министерство за социјална политика, демографија и млади. Иако договорот дозволува измени во менито, истите можат да се направат исклучиво во договор со министерството, за што досега нема соодветни докази дека е испочитувано.
Реакција на Министерството
И покрај очигледните докази од терен, од Министерството тврдат дека сѐ е согласно договорот, дека се прават ротации во менито и дека нема официјално поднесени поплаки.
Повик за реформа
Иако на хартија државата зборува за „народни кујни“ како симбол на грижа и солидарност, реалноста покажува спротивна, срамна и понижувачка слика. Наместо функционални и достоинствени простори, тие се запуштени или целосно ставени вон употреба. Ваквиот пристап не само што не ги задоволува основните потреби на граѓаните, туку придонесува и за нивна дополнителна стигматизација. Ова не претставува социјална политика, туку пример на институционализирана понижувачка сиромаштија.
Левица бара итна и целосна ревизија на договорот со „Парти сервис лео“, објавување на сите извештаи и контроли од страна на Министерството, како и утврдување на кривична одговорност доколку се потврдат злоупотреби. Потребна е суштинска реформа и враќање на концептот на вистински народни кујни кои ќе обезбедат топол оброк во достоинствени услови и усогласување на цените со реалните трошоци за да се стави крај на оваа недозволива пракса.