Скандал во Велика Британија
Шокантен случај на долготрајно сексуално злоставување ја вознемири јавноста во Велика Британија. Маж во своите 60-ти години е обвинет дека со години ја дрогирал својата сопруга за да ја силува и сексуално да ја злоупотребува. Во одреден период, тој наводно повикувал и други мажи да учествуваат во нападите.
Според британските медиуми, случајот е дел од обемна истрага која вклучува повеќе осомничени. Главниот обвинет, чие име не се открива поради законски причини, е обвинет за вкупно 48 кривични дела кои датираат од 2004 година.
Во обвинението се наведува дека тој ја дрогирал сопругата, доведувајќи ја во состојба на несвест, по што ја силувал. Дополнително, помеѓу 2023 година и неговото апсење, наводно поканувал други мажи да вршат сексуални напади врз неа.
Случајот се разгледува пред Краунскиот суд на улицата Миншул во Манчестер. Обвинетиот се појавил преку видео врска од затвор, заедно со уште 12 други обвинети на возраст од 28 до 73 години. Нивните идентитети исто така не се објавуваат со цел заштита на жртвата.
Сопругот се товари за 23 кривични дела што наводно ги извршил самостојно, осум за заговор и уште 17 напади што наводно ги извршил заедно со други лица. Останатите обвинети се соочуваат со различни обвиненија за заговор и сексуални кривични дела.
На последното рочиште, тројца мажи се изјаснија за невини по обвиненијата за заговор за силување и сексуални напади. Еден од обвинетите претходно признал вина за повеќе кривични дела и не присуствувал на судењето.
Судијата Морис Грин одреди притвор за осуммина од обвинетите, додека петмина беа пуштени со кауција. Двајца сè уште не се изјасниле по обвиненијата.
Судењето се очекува да трае околу 12 недели и е закажано да започне на 1 септември. Случајот предизвика силни реакции во јавноста поради сериозноста и долготрајноста на наводните злоупотреби.