Повредата на Виктор Осимен остана во сенка на сериозната повреда на Ноа Ланг на натпреварот помеѓу Ливерпул и Галатасарај.
Само десет минути по почетокот на натпреварот, се доби впечаток дека Галатасарај се обидува да го забави наметнатото темпо и да „украде“ малку време. Кога Виктор Осимен падна по дуелот со Ибрахим Конате, играчите на Ливерпул беа бесни, мислејќи дека Нигериецот симулира и се обидуваа да го подигнат.
Но, Осимен не симулираше. Веднаш му беше укажана итна помош и се врати на теренот со преврзана рака, но беше заменет на полувремето. Во завршницата на првото полувреме, беше очигледно дека е во болка.
Подоцнежните прегледи покажаа дека Осимен претрпел скршеница на десната рака, што беше потврдено од страна на Галатасарај.
„По натпреварот, беа извршени прегледи во болницата во Ливерпул, под надзор на нашиот медицински тим. Дијагностицирана е фрактура и е поставен гипс. Одлука за евентуална операција ќе биде донесена во наредните денови кога ќе бидат извршени дополнителни прегледи“, соопшти турскиот клуб.
Ние му посакуваме брзо закрепнување на Виктор Осимен.