Заштита на Македониумот и црквата Трескавец

До лето се очекува да се реши проблемот со прокапувањето на Македониумот во Крушево. Работите не можеа да започнат во есента, како што беше планирано, поради неуспешни тендери.

Министерството за култура и туризам обезбеди 5,5 милиони денари за проектот, а дополнителни 4,5 милиони денари за основниот проект за реконструкција и заштита на Македониумот. Овој споменик на културата е прогласен за културно добро во опасност.

„За Македониумот направивме посебен проект и го прогласивме како културно добро во опасност. Средствата за превентивната заштита на споменикот се доделени на посебна ставка. Рокот за заштита беше пролонгиран поради неуспешни тендери, но сега имаме фирма која ќе започне со работа. Очекуваме до лето да заврши превентивата, што вклучува комплетно затворање на сите отвори во стаклата и витражите. Почнавме и со изготвување на основниот проект за комплетна конзервација и реставрација на Македониумот,“ објасни Мимоза Христоска, директорка на Завод и музеј – Прилеп.

Почеток на заштитата на црквата Трескавец

Оваа година ќе започне заштитата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Трескавец, која е исто така културно добро во опасност. Ќе се работи на конструктивна консолидација и заштита на фреските од влагата, која е најголема закана за уништување на фрескосликарството. За ова се обезбедени 4 милиони денари и се чека на конзерваторското одобрение од Управата за заштита на културното наследство.

„Работата на заштитата на црквата на Трескавец е повеќегодишна. Сега е најбитно да се направи конструктивната консолидација и заштитата од влагата. Очекуваме конзерваторското одобрение од Управата. Вклучени се и византолози од Грција кои ќе бидат дел од последната фаза за конзервацијата на фрескосликарството,“ вели Христоска.

Во текот на годината, Прилепскиот завод и музеј ќе работи на 16 проекти за заштита на културното наследство, а 15 проекти се од музејската дејност. Министерството за култура и туризам одобри инвестиции за 7 проекти.