Амбасадорката на Украина, Лариса Дир, во интервју за ЦИВИЛ Медиа изјави дека Иран е директен соучесник во руската агресија против Украина, обезбедувајќи илјадници дронови и технологии кои се користат за напади врз украинските градови.
Украина ја следи безбедносната ситуација на Блискиот Исток, а според амбасадорката Дир, политиката на Иран е клучен фактор на нестабилност во регионот. Таа нагласува дека одговорноста за ескалацијата лежи врз режимот во Техеран.
„Иран е директен соучесник во руската агресија против Украина. Тој ја обезбеди Русија со илјадници 'шахеди', технологии и друго вооружување, кои убиваат Украинци и ги уништуваат нашите градови." — Лариса Дир, Амбасадорка на Украина
Русија, од своја страна, споделила сателитски разузнавачки податоци со Иран, што му помага на Иран да изведува напади. Оваа соработка поткопува европската и глобалната безбедност, истакнува Дир.
Украина е подготвена за прекин на огнот, но Кремљ ги отфрла сите предлози. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Украина е подготвена за прекин на огнот под услов и Русија да го направи истиот чекор.
„Нашата порака е следна – режимот на прекин на огнот овозможува да се зачуваат животите на војниците и цивилите, да се запре уништувањето и да се премине кон конструктивни преговори." — Лариса Дир, Амбасадорка на Украина
Украина повикува на одговорност на Русија пред меѓународната правда. По деокупацијата на Кијивската област, меѓународната заедница доби пристап до докази за масовни убиства и тортура од страна на руската армија врз цивилното население.
„Главниот проблем е што руските злосторници сè уште не се казнети. РФ не сака да ја запре војната сè додека постојат нафтата и неказнивоста." — Лариса Дир, Амбасадорка на Украина
Амбасадорката Дир истакнува дека е важно Република Северна Македонија да се приклучи кон Проширениот Делумен Договор за Специјалниот Трибунал, како што тоа веќе го направија низа држави, за да се повикаат виновните на одговорност.