Близу половина од земјите во светот ги зголемиле воените буџети во последните години, но овие трошоци не обезбедуваат долгорочен економски раст, според најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Според анализата на ММФ, зголемувањето на воените расходи може краткорочно да ја поттикне приватната потрошувачка и инвестициите, што води до умерен раст на среден рок. Ова се должи на акумулација на капитал и повисока продуктивност.

Сепак, овие ефекти се ограничени и по почетниот раст следува забавување. На долг рок, се појавуваат сериозни макроекономски предизвици, како што се раст на буџетските дефицити и инфлацијата, кои го поткопуваат економскиот раст.

ММФ анализирал податоци од 164 земји од крајот на Втората светска војна и утврдил дека земјите во развој бележат најголемо зголемување на воените трошоци. Позитивните ефекти од овие трошоци траат во просек околу две и пол години.

Во периодот од 2020 до 2024 година, речиси половина од државите ги зголемиле воените буџети, додека околу 40 проценти издвојуваат повеќе од два отсто од БДП за одбрана, во споредба со 27 проценти во 2018 година.