Скопје, 21 март 2026

Во текот на дебатата на „Тема на ден“ на телевизија Сител, пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, изрази загриженост поради недоволноста на предложените мерки за намалување на даноците на горивата. Според него, намалувањето на ДДВ-то од 18% на 10% не е доволно за да се почувствуваат позитивни ефекти врз граѓаните и стопанството.

Битиќи истакна дека мерките не само што се недоволни, туку и задоцнети. Тој објасни дека мерките треба да имаат реален ефект и да помогнат во ублажување на ценовните шокови, а не само да се донесуваат за да се каже дека нешто е направено.

„Дали носењето на мерки е само за да се донесат мерки или навистина да се направи исчекор за граѓаните помалку да ги почувствуваат негативните импликации од оваа криза. Да донесете мерки три недели откако е почнат конфликтот, кои што најверојатно би се примениле за пет до шест дена или недела дена од денеска или утре, затоа што за одредени мерки требаат законски решенија, е навистина задоцнето“, рече Битиќи.

Тој нагласи дека кризата во Македонија ќе се чувствува сè повеќе, бидејќи на домашниот пазар сè уште се користат нафтени деривати набавени пред конфликтот. Битиќи предложи порадикални мерки кои вклучуваат намалување на ДДВ-то на горивата на 5%, намалување на акцизата за 4 денари, нула проценти ДДВ за основни прехранбени производи и преполовување на патарините.

„Во овој момент е нужно да се заштити животниот стандард на граѓаните. Ние веќе ги имаме поднесено предлог законските решенија во Собранието. Не можете да чекате да се случи апокалипса за да реагирате, а секое одолговлекување води кон тоа. На крај, највисоката цена ја плаќаат граѓаните“, рече Битиќи.

Тој исто така посочи дека земјите од регионот веќе презеле слични мерки, како намалување на акцизата во Црна Гора за 50% и преполовување на акцизата во Албанија, додека во Босна и Херцеговина и Хрватска цените на горивата се замрзнати.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ