23/03/2026 7:20 ПРЕТПРИЕМНИШТВО
Таксистите низ цела Грција започнаа нов 24-часовен штрајк утрово, со цел да го изразат своето незадоволство и несогласување со новиот закон предложен од Министерството за транспорт. Овој закон, кој се однесува и на такси превозот, денеска се очекува да биде ставен на гласање пред грчките пратеници, јави дописничката на МИА од Атина.
Такси возачите изразуваат несогласување со одредбите кои предвидуваат задолжителна замена на возилата во Солун и Атина со целосно електрични возила, како и со оние кои, според нив, даваат предност на приватните возила со возач.
„Сите членови од законот имаат цел да ја обезвреднат улогата на таксито и неговиот јавен карактер, бидејќи ја отежнуваат одржливоста на професијата и на семејствата на такси-превозниците низ целата земја“, соопштија од Грчката федерација на професионални такси возачи.
Во рамките на штрајкот, таксистите ќе одржат протест пред грчкиот Парламент, а најавено е присуство на такси-возачи од цела Грција кои ќе пристигнат во Атина со автобуси.
Минатиот вторник, кога законот се разгледуваше на надлежната парламентарна комисија, таксистите во Грција, организирани од нивната федерација, започнаа штрајк на неодредено време, што во одредени делови на земјата траеше еден до два дена, а во Атина заврши во саботата наутро.
Таксистите во Солун и Атина одржаа штрајк и на средината на февруари, што траеше два, односно три дена, а овој беше четврти во период од еден месец. Извор: МИА